Чаир го демантира МЗТ Скопје: Немаше напад, целиот натпревар е снимен од сите агли

Кошаркарскиот клуб Чаир демантира дека се случил инцидент на синоќешниот натпревар против МЗТ Скопје, односно дека гостинските кошаркари и стручниот штаб биле нападнати на патот кон и во соблекувалната.

Дербито на 20. коло, во салата „Шабан Трстена“ беше прекинато на полувреме затоа што од МЗТ Скопје се пожалија на вербален и физички напад.

„Супер натпревар, брилијантна атмосфера, полна сала и вечер која ќе остане долго во нашето сеќавање затоа што се потврди дека Чаир е храм на спортот.

Што се однесува до лажните информации што се појавија во јавноста, целосно демантираме со доказ дека натпреварот се снима од сите агли и од многу медиуми. Таканаречениот 'инцидент' е измислен од противничкиот тим и секогаш во моменти кога гледаат дека губат, тие лансираат нереални работи. Гарантираме дека немаше физички контакт во ниеден момент, како во однос на приемот, текот на натпреварот, така и при заминувањето од салата“, се вели во соопштението од Кошаркарскиот клуб Чаир.

Натпреварот беше прекинат на паузата меѓу двете полувремиња бидејќи од МЗТ Скопје одбија да се вратат на теренот. Конечната одлука за натпреварот треба да биде донесена во текот на денешниот ден.