Центарско славје во Гевгелија: Работнички ја раситни „десетката“ и пак е најтрофеен во Купот!

Екипата на Работнички повторно е најтрофејна во Купот на Македонија, откако денеска, во финалето од завршницата во Гевгелија, не дозволи изненадување во пресметката со Блокотехна победувајќи со ..

Центарци со ова остварија уште еден историски успех со оглед што први дојдоа до двоцифрен број триумфи во ова натпреварување, со оглед што кренатиот пехар денеска во салата „26 април“ за нив беше јубилеен десетти. Блокотехна, пак, без разлика на денешниот неуспех, исто така ќе се запише во историјата на македонската кошарка како 16-ти тим кој игра во големото куп-финале.

Клучна за победата на црвено-белите беше одличната игра во третата четвртина, која ја почнаа со цврста и агресивна одбрана за серија 11-2 со која направија резултатски пресврт (56-51) по првото полувреме во кое противникот беше најчесто во водство. Кошаркарите на Работнички во овој дел најдоа решение за офанзивно расположениот Кенет Фандербург, кој во првите два периоди постигна дури 19 поени и ги сведоа противникот на само десет поени во овој дел од мечот.

Гостите на стартот од решавачката четвртина дојдоа и до плус девет (68-59), со што го навестија крајниот епилог и големата радост на стотината нивни навивачи кои дојдоа во Гевгелија. Гевгеличани даваа сѐ од себе, дури и повеќе од тоа за да направат пресврт сличен на тој од полуфиналето против Гостивар (победија по минус 13), но немаа сили за такво нешто. Пеколниот ритам во кој играа во последниов месец си го зеде данокот, а згора на тоа играа без двајца клучни играчи, повредените Данило Мијатовиќ и Горан Главчев.

Точка на мечот стави Димитар Караџовски со три тројки во низа точно на половина од четвртиот период, со што донесе предност од големи 14 поени (77-63), која се покажа недостижна за мотивираниот, но не доволно одморен домаќин. Токму шутот за тројка беше клучен за победата на тимот од Центар, со оглед што реализираа 14 удари за три поени со одлична 53-отстотна прецизност.

Чавдар Костов е херојот во црвено-белиот табор со учинок од 25 поени (шест тројки) и 11 скока, секако заедно со Караџовски кој финишира со 18 поени (четири тројки) и седум скока. Двоцифрен беа уште и Ѓорѓи Чековски со 14 и новакот од АВ Охрид, Стефан Младеновиќ со 11 поени. Фандербург со 24 поени беше најпрецизен кај Блокотехна.

На вечната листа куп-победници сега Работнички е осамен на врвот со десет трофеи, еден повеќе од вечниот ривал МЗТ Скопје. Далеку зад нив се Фени индустри и Никол Ферт со по два освоени пехари.