Аеродром подготвен за славје: МЗТ со сите сили по историска „метла“ за Работнички!

Кошаркарите на МЗТ Скопје се решени да сторат сѐ за вечерва, конечно, да стават крај на исклучително долгата и напорна сезона и тоа на најдобар можен начин – со трета победа во финалната плејоф серија со Работнички (20.15 часот) и прослава на седмата шампионска титула.

„Металците“ во натпреварот влегуваат како големи фаворити, пред сѐ поради прикажаното во досегашниот дел од доигрувањето. Згора на тоа, црвено-белите од Центар мака мачат со повредени играчи, па на Кирил Николовски и Димитар Мираковски, на завчерашниот втор дуел по само половина минута им се приклучи и Димитар Караџовски. Тоа е дополнително скусување на ионака „тенката“ клупа на центарци, чија примарна задача е вечерва да не минат како во првата финална пресметка во „Јане Сандански“, кога загубија со 44-80 и во која постигнаа само 12 поени во второто полувреме и ниту еден кош од игра во цела последна четвртина.

Ова е деветта финална пресметка помеѓу вечните ривали, а ако МЗТ успее да победи вечерва тоа ќе биде прва чиста победа односно популарно наречена „метла“ во дуелите со најголемиот противник. Тоа воедно би била и втора победа на аеродромци во дуелите за титула со Работнички. До остварување на сето ова има уште најмалку 40 минути за играње, а центарци не е еднаш низ историјата покажале дека можат да се вратат дури и од невозможни ситуации.

Но, за да успеат во ова, сепак, ќе треба да направат досега невидено чудо бидејќи ниту една екипа досега во македонскиот плејоф не се вратила по негатива од 0-2.