Државен стимул за Марко - под итно!

ИГОР КРСТЕВСКИ

Разделеноста која долг период е наша реалност, на национална, верска, партиска и каква сѐ не друга основа, вчера за момент беше заборавена, па сите заеднички бевме одушевени од херојскиот успех на Марко Пејчиноски, кој со само 12 години и преживеан инфаркт на долните екстремитети успеа да го преплива Охридското езеро.

Сето ова само потврди колку малку ни треба да се израдуваме, да се сплотиме и да го покажеме човечкото во нас. Социјалните мрежи гореа од постови со честитки и поддршка за натчовечките напори на охриѓанчето, кој без разлика животните проблеми, сепак, ја задржи ведроста и спортскиот дух. Меѓу тие што се израдуваа и честитаа беа и куп државни институции, меѓу кои и најодговорната за спорт кај нас - Агенцијата за млади и спорт (АМС), која потенцира дека талентите како него се иднината на нашиот спорт.

Но, дали Марко навистина ќе биде наш иден голем шампион, зависи токму од помошта која тој ќе ја добие од државните институции, меѓу кои дефинитивно се и АМС и матичната пливачка федерација. Да се испливаат 30 и повеќе километри на само 12-годишна возраст воопшто не е мала работа, а самиот факт дека тоа некој го направил треба да ги алармира стручњаците и институциите дека во раце имаат небрусен дијамант за кој само од нас зависи дали ќе блесне со полн сјај.

Охридскиот талент под итно мора да биде ставен на списокот спортисти од кои Македонија може да очекува големи остварувања, па дури и олимписки медали. Државата под итно мора да го земе под свое, да му обезбеди средства за напредок, образование, како и поддршка во секој сегмент потребен за негување на неговиот несомнено голем талент. Пливачката федерација, пак, под итно мора да го стави под својот систем на тренирање и натпреварување, да му обезбеди услови за работа, соодветни тренери, нутриционисти, психолози и сѐ друго што е неопходно во блиска иднина повторно да нѐ направи горди и да не зближи како што го направи тоа вчера.

Само со сето ова зад себе, Марко ќе може да го оствари својот голем потенцијал. И не само тој. Ваквиот начин на функционирање треба да биде репер за секој ваков и сличен бисер во било кој спорт, бидејќи во една мала држава како нашата таквите се - вистинска реткост. Тие треба да се негуваат и да се поддржуваат на адекватен начин сѐ додека не процветаат.

А, ако нашите фотелјаши не се погрижат Марко и сите како него да ги добијат потребните услови, а стручњаците не дадат максимум да го извадат најдоброто од нашите таленти, тогаш легендарниот Шабан Трстена и треба да остане на дадениот збор. Да им ја скрши кичмата.