„Ако од херојот Марко не направите голем шампион, јас ќе ви ја – скршам кичмата!“

Огромниот успех на 12-годишното момче Марко Пејчиноски, кој вчера, со преживеан инфаркт на долните екстремитети, го преплива Охридското езеро на релатција Свети Наум-пристаниште Охрид, донесе бура водушевување како кај обичните граѓани така и кај сегашните и поранешни спортисти.

Еден од нив е и поранешниот олимписки шампион во борење, Шабан Трстена, кој преку социјалните мрежи изрази огромен респект за успехот на младото охриѓанче. Истовремено, тој им се обрати на пливачките стручњаци кај нас, на кои им се „закани“ дека ако за пет до седум години од него не направат голем шампион тој ќе им ја „скрши кичмата“.

„Браво за Марко! Покажа што е храброст, што е мотив – го преплива Охридското Езеро! Луѓе, детево има само 12 години, а преплива 30 километари за девет часа без ниту една минута пауза. Значи, никој не треба да ја уверува јавноста дека младото момче е талент! Е па стручњаци, имате пет до седум години детево да го направите европски и светски херој, а ако не успеете во тоа, јас, како олимписки шампион, ако Господ ме поживее до тогаш, кога треба да наполнам 63 години, ќе ви ја „скршам кичмата“!

Зошто го велам ова?! Затоа што имате прекрасен, брилијантен, 12-годишен супер-талент да направите голем шампион со кого ќе се гордееме сите и за кого ќе навиваме сите! Немој само декларативно, како извевтени спортски работници, да велите дека сте за спортот и дека се гордеете со Марко и со неговиот подвиг, туку бидете конкретни и зафатете со работа, односно помогнете му да ја изоди шампионската патека. Јас лично овие денови ќе отидам да му честитам на малиот шампион на овој голем историски успех. Сите сакаме успеси, не бидете неми набљудувачи, туку активни поддржувачи на малиот херој“, изјави Трстена.

Веднаш по вчерашниот успех на малиот Марко дојде честитки и од Агенцијата за млади и спорт (АМС), во која, засега, не се споменува конкретна помош за негов напредок.