Првата желба на Чави е - Квича Кварацкелија

Грузискиот репрезентативец Квича Кварацкелија е прва цел на Барселона, односно тренерот Чави Ернандез во летниот преоден рок, тврди угледниот Газета дело спорт.

Наводно, на состанокот одржан пред два дена, 44-годишниот стручњак посочил две имиња како посакувани засилувања за идната сезона. Првото е Бернардо Силва, а второто Квича Кварацкелија со тоа што Португалецот не е приоритет затоа што во екипата има играч со слични карактеристики во Илкај Гундоган. Неговиот трансфер на Камп Ноу е можен само ако Манчестер Сити се согласи да го пушти за 40 миилиони евра што е речиси невозможно затоа што вредноста му се проценува на 60 милиони.

Но, слична е ситуацијата и со Кварацкелија чиј договор со Наполи важи до летото 2027 година и во моментов за неговиот евентуален трансфер се прашува газдата Де Лаурентис. Со оглед на тоа што Грузиецот е еден од главните играчи на Наполи, тешко дека тој би се согласил да го пушти.

Единствениот адут на Барселона е тоа што Наполи идната сезона најверојатно нема да игра во Лигата на шампионите, па „каталонците“ можат да го намамат Кварацкелија со годишна плата од 4 милиони евра што е повеќе од двојно од сегашните 1,5 кои тој ги заработува во Наполи.