Маркез третпат ја оперираше раката – интервенцијата траела цели осум часа

Поранешниот шампион во Мото ГП, Марк Маркез ќе паузира од најбрзиот мотоциклистички циркус до мај идната година, откако третпат имаше хируршка интервенција на повредената рака.

Шесткратниот првак во Мото ГП имаше тежок пад и ја скрши раката на првата сезонска трка во Херез, но заздравувањето на скршеницата оди пребавно, по што третпат на него му била извршена операција, која сега траела дури осум часа.

Операцијата е направена поради тоа што коската во надлактицата не зараснала како што треба, па поради тоа и закрепнувањето одело пребавно.

„Марк Маркез имаше уште една операција како резултат на бавната рехабилитација на надлактицата на раката“, објавија од неговиот тим Хонда.

Првичните проценки се дека Маркез нема да се врати на патеките до мај. Тој после падот во Херез, избрза со враќањето, возеше квалификации на следното гран при, по што почувствувал болки во раката и се откажа од трката, а веројатно и тоа одиграло улога во бавното закрепнување, по што морал повторно да легне под нож.

Новата сезона во Мото ГП е закажана за март догодина со воведна трка во Катар.