Формула 1 го откажа стартот на сезоната поради коронавирусот!

Формула 1 го откажа стартот на сезоната поради пандемијата од коронавирус, па предвиденното гранпри во Мелбурн на патеката „Алберт Парк“ нема да се вози, што е очекуван исход после серијата одложувања на сите спортски настани низ светот.

Вчера Мекларен се повлече од трката поради еден заразен свој член од опасниот вирус, а после јавните настапи на низа возачи, меѓу кои Луис Хамилтон, дека е бесмислено да се вози, најбрзиот автомобилистички циркус нема да стартува викендов.

„После потврдата дека член на Мекларен е позитивен на Ковид-19 и тимската одлука да се повлечат од австралиското гранпри, Ф1 и ФИА имаа состанок со шефовите на останатите девет тимови и по дискусијата најголемиот дел од нив беа согласни дека стартот на сезоната треба да биде откажан. Со тоа Ф1 во согласност со организаторот го откажа гранприто. Се извинуваме за разочарувачките вести, а сите гледачи кои имаа билети ќе добијат поврат на парите. Одложувањето е со цел да се заштитат сите во светот на Ф1, зашто здравјето е најважно“, се вели во соопштението на Ф1.