Ферари: Не очекуваме да победуваме пред 2022 година

Ферари сезонава е побавен речиси една секунда по круг од најдобриот тим во Формула 1, Мерцедес, кој ги освои првите три трки од новата сезона.

Јасно е дека италијанскиот тим нема конкурентен болид за да им париера на Германците, па сега се фокусира на иднината. Претседателот на Ферари, Џон Елкан очекува тимот да не биде конкурентен до 2022 година. Новите правила и новата ера во Формула 1 треба да го врати тимот на победничките патеки.

„Денеска ги ставаме темелите да бидеме конкурентни и да се вратиме на победничките патеки кога ќе се сменат правилата во 2022 година. Уверен сум во тоа“, вели Елкан за „Газета дело Спорт“.

 

„Не чека долг пат. Кога Жан Тод го почна оној историски циклус од пет титули по ред на стартот на 21 век, дојдовме од период од повеќе од 20 години без титула. Беше потребно време. Тој дојде во 1993 година и го однесе Ферари до победите. Најважното нешто е да работиме напорно на патеката и надвор од неа. Ни треба заедништво и стабилност, да го изградиме Ферари што го сакаме чекор по чекор“, додаде првиот човек на автомобилистичкиот гигант.