„Во автобусот се вртев да видам дали навистина седам со Лука Модриќ“

21-годишниот Фрањо Ивановиќ е импресиониран од дебито за хрватската репрезентација кое се случи синоќа на мечот против Франција од Лигата на нации.

Напаѓачот на белгискиот Ројал Унион, Фрањо Ивановиќ одигра половина час на вчерашниот меч против Франција во Лигата на нации кој Хрватска го доби со 2-0. Тоа за него беше прв меч за сениорската селекција на коцкестите.

„Во автобусот се вртев да видам дали навистина седам со Лука Модриќ. Ова ми е најсреќниот ден во животот. Деби на Пољуд против Франција со победа. Чудо. Искрено не очекував дека селекторот ќе ми даде толку минутажа, половина час. Му благодарам најмногу“, рече Ивановиќ.

„Тоа беше едно од најдобрите чувства во животот. Да излезеш пред нашата публика и да заиграш за Хрватска. Не беше лесно да се спротивставиме на вака силна Франција, но бевме цврсти, добро се браневме и ги спречивме сите налети на противникот. Дадов се од себе, му помагав на тимот колку што беше во моја моќ“.