
„Ни значи враќањето на Пандев – заедно да ја однесеме Македонија каде што сонуваме!“
Натпреварот не се смета за тежок, но селекторот Благоја Милевски нагласува дека вистинскиот пристап е клучен за успешен резултат. Енис Барди, пак, верува во тимот и очекува зрел настап во квалификациите.
„Добро се подготвивме, сакаме да го задржиме победничкиот менталитет. Свесни сме колку ни значат овие квалификации. Во модерниот фудбал нема фаворити, затоа мора да делуваме како тим за да ги освоиме посакуваните три бода. Ова е нов старт за нас, сакаме да ја однесеме Македонија онаму каде што сонуваме и да направиме многу во овој циклус“, изјави Барди.
Капитенот го истакна и значењето на враќањето на Горан Пандев во репрезентацијата во нова улога.
„Пандев постојано е во контакт со нас, многу ми помагаше низ годините. Неговото искуство и знаење ќе бидат од голема корист за тимот“, нагласи Барди.
Натпреварот ќе почне утре од 15 часот, а ќе го суди Украинецот Микола Балакин, додека асистенти ќе му бидат Виктор Маташ и Олкександр Беркут.