Необична исповед: Арнаутовиќ имал напад на паника додека играл против Србија!

Австрискиот репрезентативец, Марко Арнаутовиќ, изјави дека доживеал напад на паника за време на натпреварот против Србија во Виена (1-1), во првиот бараж-дуел за опстанок во А дивизијата од Лигата на нации.

Тој за германски Билд во детали опишал што чувствувал во тие тешки моменти.

„Почувствував голем притисок во горниот дел од стомакот, а истовремено имав и напад на паника, не знам зошто. Лекарите ме прегледаа, ми дадоа нешто за да се чувствувам подобро и сè се врати во нормала, па можев да продолжам“, изјави Арнаутовиќ.

Австрискиот напаѓач додаде дека нападот на паника можеби бил предизвикан од силната болка во коленото.

„Одеднаш почувствував мачнина и вртоглавица. Можеби тоа беше поради моето колено, почувствував остра болка во чашката. Но, потоа сè беше во ред и продолжив да играм“, дополни Арнаутовиќ.

Фудбалерот на Интер ја презеде одговорноста за својата игра во натпреварот, признавајќи дека неговата неефикасност пред голот ја чинела Австрија подобар резултат.

„Ја преземам одговорноста, тоа е моја вина“, додаде тој.

Реванш-натпреварот меѓу Србија и Австрија се игра в недела во Белград.