Држава за која малкумина знаат дека воопшто постои е пред пласман на СП 2026!

Фудбалските репрезентации на Нов Зеланд и Нова Каледонија ќе се соочат во финалето на квалификациите во зоната Океанија за Светското првенство 2026 година.

Новозелаѓаните во полуфиналето го совладаа Фиџи со убедливи 7-0, додека Новокаледонците беа подобра од Тахити со 3-0. Финалето ќе се игра на 24 март во Окленд (Нов Зеланд), а победникот ќе обезбеди директен пласман на Мундијалот, додека поразениот ќе добие шанса преку интерконтинентален бараж.

Доколку Нова Каледонија триумфира, тоа ќе биде нејзино прво учество на Светското првенство во историјата како една од најнепознатите држави што настапиле на најелитното фудбалско натпреварување. Таа е поранешна француска колонија, која сега има делумна независност, но во многу е зависна од „матицата“. Важи за една од најмалку населените држави во светот. Нов Зеланд, пак, веќе двапати бил дел од најголемиот фудбалски собир – во 1982 и 2010 година.

Во меѓувреме, Јапонија стана првата селекција што обезбеди пласман преку квалификациите, осигурувајќи место на Мундијалот што ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година во САД, Канада и Мексико.