Недовиќ поради ептен бизарна причина го пропуштил лудото славје со Делии во Атина!

Кошаркарите на Црвена звезда синоќа остварија голема победа на гостувањето кај Олимпијакос (81-73) во меч од 30. коло од Евролигата - триумф кој им донесе дополнителна самодоверба во борбата за плеј-ин и плеј-оф фазата.

По натпреварот, српскиот бек Немања Недовиќ изјави дека тимот целосно го реализирал својот план, и покрај свесноста дека Олимпијакос, како еден од најдобрите тимови во Евролигата, ќе се обиде да направи пресврт.

„Знаевме дека немаме висок играч во ротацијата, па нашата шанса беше во ‘смол-бол’ тактиката, која одлично ја спроведовме. Направивме некои грешки, но стекнавме самодоверба. Олимпијакос се обиде да се врати, но ова е голема победа за нас, а пред нас се три натпревари на домашен терен“, изјави Недовиќ за грчките медиуми.

Иако крајот на мечот беше обележан со необично заедничко славење на навивачите на двата тима, Недовиќ не беше дел од тој момент. На прашањето зошто не присуствувал, тој со насмевка одговори:

„Морав да одам во тоалет...“.