Добивме ѕвер под обрачите: Новиот Македонец е МВП на Суперкупот во Италија!

Екипата на Олимпија Милано со трофеј ја започна новата натпреварувачка сезона, откако во синоќешното финале на италијанскиот Суперкуп ја совлада Венеција (94-87) по едно продолжение.

Миланскиот клуб со ова стигна до својот вкупно седми, а трети по ред пехар во ова натпреварување, со што ја продолжува доминацијата на италијанска сцена. Во главна улога на натпреварот беше новиот македонски репрезентативец Мозес Рајт, кој ги потврди своите квалитети и сосема заслужено го доби признанието за најкорисен играч (МВП) на турнирот.

Финалето донесе голема неизвесност и покрај тоа што Олимпија Милано во еден момент од натпреварот имаше убедлива предност од дури 19 поени. Екипата на Венеција не се предаде, успеа да направи целосен пресврт во второто полувреме и да го одведе мечот во продолжение. Сепак, во дополнителните пет минути миланскиот тим се консолидираше, додека Венеција потклекна и не успеа да приреди изненадување.

Македонскиот центар одигра одлично уште од самиот старт, постигнувајќи 10 поени во првата четвртина со совршен шут од поле (4/4). Неговото присуство под кошевите ѝ донесе дополнителна сигурност на екипата и беше една од главните причини за раното создавање на убедливата предност. Со освојувањето на МВП наградата, Рајт го повтори успехот на уште еден македонски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, кој истото признание го доби пред две години настапувајќи токму во дресот на Олимпија Милано.