Ѓорѓиевски: Време е да тргнеме во нагорна линија, можеме да ѝ се спротивставиме на Шкотска!
Напаѓачот Марко Ѓорѓиевски се надева дека ќе добие можност за настап и дека ќе успее да даде свој придонес за репрезентацијата. Тој верува дека Македонија има квалитет да излезе од резултатската криза и повторно да почне да напредува.
„Се надевам дека ако добијам шанса на натпреварот, ќе дадам свој придонес за добар резултат. Очекувам да почнеме да одиме во нагорна линија, онака како што заслужува оваа репрезентација. Во секоја екипа се случува да има мала криза, но мислам дека работите ќе тргнат во посакуваната насока“, истакна Ѓорѓиевски.
Напаѓачот смета дека искуството на дел од фудбалерите, како и натпреварувачката форма во која се наоѓаат, може да бидат значајни фактори во претстојните предизвици. Особено важен ќе биде дуелот со Шкотска, противник против кој Македонија ќе мора да одигра квалитетно и организирано доколку сака да стигне до позитивен резултат.
Ѓорѓиевски има доверба во селекторот и верува дека стручниот штаб ќе пронајде соодветно решение за поставеноста на тимот и начинот на кој ќе му се спротивстави на силниот противник.
„Мислам дека селекторот ќе најде начин како да се поставиме и да одиграме одличен натпревар, да ѝ се спротивставиме на Шкотска и да извлечеме позитивен резултат“, порача напаѓачот на Шкендија кој има можност да дебитира во националниот тим.
По четири кола, македонската репрезентација е на последното место во својата група без освоен бод и без постигнат гол, па Ѓорѓиевски и неговите колеги од нападот ќе имаат обврска да ја прекинат лошата серија.