Скандал на телевизија: Коментатор ја навреди Сабаленка во директен пренос, не знаеше дека микрофонот му е вклучен! (ВИДЕО)

Голем скандал го одбележа телевизискиот пренос на завршниот ВТА-турнир, откако коментатор на телевизијата „Беин Спортс“ упати навредлив коментар за Арина Сабаленка, не знаејќи дека неговиот микрофон е вклучен и дека го слушаат гледачите.

Инцидентот се случил за време на промотивно видео во кое белоруската тенисерка позирала пред камерите и испраќала бакнеж кон публиката. Додека се емитувале кадрите со втората тенисерка во светот, во позадина се слушнал гласот на коментаторот Матје Солие.

„Гледај, гледај, гледај, колку е ужасна“, бил коментарот што предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.

Снимката брзо се прошири на интернет, а реакциите беа особено остри поради фактот што станува збор за коментар насочен кон изгледот на една од најголемите ѕвезди во женскиот тенис.

Случајот стигна и до раководството на телевизијата, па реагираше Флоран Узу, директор на програмата и редакцијата на „Беин Спортс“ во Франција.

„Жалам за изјавите дадени во живо за време на преносот на ВТА-финалето и најостро ги осудувам. Таквите коментари не ги претставуваат вредностите на нашата телевизија. Повторно ја потврдувам нашата посветеност кон почитувањето на сите спортисти и учесници во нашите програми“, порача Узу, упатувајќи и јавно извинување.

Самиот коментатор засега не се огласил за инцидентот, а телевизијата не соопштила дали против него ќе бидат преземени дисциплински мерки. Ниту Сабаленка досега јавно не го коментирала случајот. Интересно е што скандалот се случува во период кога Сабаленка настапува на завршниот ВТА-турнир, каде што во првото коло ја совлада Каролина Мухова со 2-0 во сетови (7-6, 7-5).