Ваква доминација не е видена: Осми трофеј во последните девет финалиња за Шпанците!

Зошто шпанскиот клупски фудбал е најдобар, а Ла Лига број еден на светот, најдобар доказ се европските натпреварувања, каде Атлетико Мадрид по синоќешната победа со 3-0 против Олимпик Марсеј во финалето во Лига Европа само го потврди веќе познатиот факт.

Верувале или не, ама Шпанија стигна до осмиот европски трофеј во последните девет финални дуели и бројката може да биде и девет од десет, ако Реал Мадрид за 10 дена победи во финалето во Киев во Лигата на шампионите против Ливерпул. Сето ова е само доволен доказ за таа шпанска доминација, која досега во европскиот фудбал е невидена.

Само Манчестер јунајтед лани, во финале во кое немаше Шпанци ја прекина соотстотната низа, која најмногу се должи на трите трофеи на Севилја во Лига Европа, трите европски круни на Реал Мадрид во последните четири години, како и титулата европски првак на Барселона од 2015 година.

Ако се додадат и европските Суперкупови, кои интересно од 2014 година само еднаш не биле „шпанска пресметка“, жетвата на трофеи статистички изгледа – 12 пехари од 13 финалиња

Атлетико Мадрид стигна до својата трета титула во Лига Европа, а прва по шест години пауза. Но, Мадрид може да стане фудбалска престолнина ако Реал ја освои европската круна, затоа што првпат ќе се случи еден ист град да ги има двата највредни трофеи во иста сезона.

2013/14
ЛШ:
Реал Мадрид
ЛЕ: Севилја
Суперкуп: Реал Мадрид

2014/15
ЛШ:
Барселона
ЛЕ: Севилја
Суперкуп: Барселона

2015/16
ЛШ: Реал Мадрид
ЛЕ: Севилја
Суперкуп: Реал Мадрид

2016/17
ЛШ: Реал Мадрид
ЛЕ: Манчестер јунајтед
Суперкуп: Реал Мадрид

2017/18
ЛШ:
Реал Мадрид/Ливерпул
ЛЕ: Атлетико Мадрид
Суперкуп: Атлетико Мадрид или Реал Мадрид/Ливерпул