Шкендија е меѓу трите најмизерни клуба во Европа според – прaзните трибини!

Шкендија испиша нова страница во својата историја со синоќешната победа против ирски Шелбурн (1-0) во второто коло од групната фаза на Конференциската лига на УЕФА, до која стигна драматично, со автогол на гостите во судиското надополнување.

За тетовци тоа беше домашно деби во групната фаза од едно натпреварување, но и покрај тоа атмосферата на арената „Тодор Проески“ беше далеку од еуфорична. Наместо полни трибини, натпреварот го следеа едвај 2.051 гледач, што е една од најмалите посети на континентот во ова коло на европските купови (види ТУКА).

Според податоците на УЕФА, само два натпревари во цела Европа имаа помалку публика. Во Исланд, на мечот меѓу Брејдаблик и Купс, присуствувале 821 гледач, додека во Гибралтар, на дуелот меѓу Линколн и Лех, бројката изнесувала 1.208. Веднаш по Шкендија, на листата со најниска посета се најде косовската Дрита, со 2.250 гледачи.

Сепак, спортскиот аспект е многу поважен од посетата - Шкендија со оваа победа донесе драгоцени поени за македонскиот клупски коефициент. Македонија се искачи од 51-то на 47-то место на УЕФА листата, што значи дека од сезоната 2027/28 повторно ќе може да имаме четири претставници во европските натпреварувања.