Навивач на Зрињски почина во Мајнц - бил пронајден мртов во стан!
Медиумите од Босна и Херцеговина објавуваат за смртта на навивач на Зрињски кој вчера (четврток) почина во Мајнц.
Телото на младиот фан на босанскиот тим било пронајдено во стан во германскиот град.
Ултрас навивачите на Зрињски со минута молчење пред почетокот на мечот му оддадоа почит на нивниот член.
Германската полиција почна истрага, наскоро треба да се знае и причината за смртта на фанот.
„Непосредно пред почетокот на синоќешниот натпревар во Мајнц, нè погоди тажна вест. Нашиот член и пријател од Рама - Славен Долиќ - ненадејно нè напушти. Славен, почивај во мир Божји!“, стои во соопштението на навивачката група.
Тоа не е единствената лоша вест за фановите од Мостар. Тие на враќање биле нападнати во Франкфурт од навивачи на Ајнтрахт.
И како што објавија германските медиуми, околу 150 навивачи на Зрињски Мостар беа нападнати на станица во округот Нидеррад во Франкфурт.
Според информациите од Федералната полиција, инцидентот се случил помеѓу 1 и 2 часот наутро. Според извештајот, 50 непознати напаѓачи, облечени во црно и маскирани, влегле во пристигнат воз на С-Бан. Полицијата вели дека следела „кратка, но многу насилна физичка пресметка“ што траела околу една минута.
Потоа напаѓачите избегале. Според полицијата, непознатите напаѓачи ги покриле камерите во возот со налепници од навивачите на Ајнтрахт Франкфурт за време на нападот.