Надежите по осум години ќе играат Елитни квалификации: Овие момци покажаа верба и карактер!
За генерацијата до 17 години ова е првпат да биде дел од Елитната фаза по 2017 година. Задоволството од ваквиот успех не го криеше и селекторот Влатко Колев.
„Остваривме навистина одличен резултат. Во мошне тешка група успеавме да го избориме пласманот во елитните квалификации, а притоа во ниту еден момент не делувавме инфериорно ниту против Чешка, а уште помалку против Унгарија. Во третиот натпревар, кога бркавме и гол-разлика, момците покажаа карактер и верба. Ова е голем мотив за сите нас, но не застануваме тука. Ќе се подготвиме максимално добро за мартовските натпревари со најсилните селекции и можам да ветам дека ќе се бориме до последниот меч“, изјави Колев.
Македонските надежи на турнирот во Струмица ремизираа со Унгарија (2-2), загубија од Чешка (2-0), а во последниот натпевар со 7-1 беа подобри од Гибралтар.