Ракометарките го кренаа гласот - не сакаат да играат во бели шортсеви!

Дебатата за задолжителните бели шортсеви во женскиот ракомет е повторно во центарот на вниманието откако Данска, Норвешка и Шведска се обидоа да извршат притисок врз Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).

Нивната цел е да го укинат правилото што ги принудува женските национални тимови да носат бели шортсеви на големите натпреварувања. Причината за ова е и практична и многу лична за играчите. Данската ракометна федерација го истакнува ова прашање со години, но сега - на шест недели пред почетокот на Светското првенство за жени - официјално е побарана промена на правилата.

Според важечките прописи на ИХФ, националните тимови мора да учествуваат со два сета дресови за големите натпреварувања: еден светол и еден темен.

„На секој натпревар, едниот тим мора да носи светла, а другиот темна опрема. Комбинациите на бои и дизајните мора јасно да се разликуваат едни од други“, пишува во член 2.4.3 од прописите на ИХФ,

Во пракса, ова обично значи дека „светлиот сет“ вклучува бели шортсеви. Потпретседателката на Данската ракометна асоцијација, Мете Вестергард, поранешна ракометна ѕвезда и двократна олимписка и европска шампионка, истакнува дека правилото не е усогласено со реалните потреби на жените.

„Девојките се чувствуваат исклучително несигурно поради ова, а за време на менструацијата тоа станува голема грижа. Долго време сакавме промена и сега официјално ја побаравме“, изјави Вестергард за данска телевизија.

Според неа, алтернативата веќе е испробана на претходните натпревари, но разговорите со ИХФ не дадоа резултати. Данска сега инсистира проблемот да се реши систематски и официјално да се вклучи во правилата. Сепак, најгласни се самите спортистки. Долгогодишната норвешка репрезентативка Вероника Кристијансен е мошне директна.

„Лично, ми е и непријатно и срамно. Не можете да го контролирате вашиот менструален циклус. Затоа - укинете ги белите шортсеви!“, вели таа.

Интересно е истражувањето на една норвешка телевизија кое покажа дека женските фудбалски тимови постигнуваат помалку голови кога носат бели шортсеви, што укажува на психолошки притисок.