„Единаесетката“ на Вардар оди во историјата: Рингов ќе стане прв фудбалер чиј број ќе биде повлечен!

Безмалку четири децении откако го одигра својот последен натпревар за Вардар, на Васил Рингов ќе му биде укажана најголемата чест што може да ја добие еден спортист.

Струмичанецот ќе стане прв фудбалер во историјата на Вардар чиј број ќе биде повлечен од употреба. Ниеден фудбалер на Вардар во иднина нема да може да ја носи 11-ката која беше заштитен знак на Рингов, а во тоа време кога бројките означуваа позиција на теренот, редовно ја носеа левите крила. Иако Вардар даде многу легенди на македонскиот и југословенскиот фудбал, досега ниеден фудбалер не добил чест да му биде повлечен бројот што го носел во својата кариера. Одлуката за повлекување на бројот 11 беше објавена на денешната комеморација по повод смртта на еден од најдобрите играчи во историјата на Вардар.

Оваа сезона бројот 11 во Вардар го носи 19-годишниот Димитар Данев. Дали во вториот дел од сезоната тој ќе игра со друг број или церемонијата на повлекување на бројот на Рингов ќе се одржи по завршувањето на сезоната, ќе се знае дополнително.

Рингов беше член на Вардар во три периоди или вкупно девет сезони. Дојде во 1977 година и остана до 1983, се врати следната година и се задржа до 1986 за по неколку месеци во Брауншвајг, повторно да го облече „црвено-црниот“ дрес и во него да ја заврши кариерата во 1987 година.