Седлоски: Ќе дадеме максимум за да ја израдуваме вардаровата публика!

Утре (четврток) со почеток од 20:30 часот Вардар на Градски во Скопје ја пречекува Лозана во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига.

По успешно завршената мисија во првото коло кога беше елиминирана Ла Фиорита од Сан Марино, пред Вардар сега е вистински предизвик, екипата на Лозана која влегува како фаворит во оваа пресметка.

„Лозана е добар противинк. Мора да сме свесни дека пред себе не чекува тежок натпревар во овие први 90 минути. Се работи за исклучително квалитетна екипа која доаѓа од силното швајцарско првенство кое постојано напредува. Знам како се игра во тие лиги таму, сум играл во Австрија, сличен е фудбалот. Ќе одлучам со каква тактика ќе се спротивстави мојот тим. Но, верувам дека утре ќе гледаме добар фудбал. Ние треба да излеземе и да покажеме карактер. Ќе зависи и од тоа колку противникот ќе ни даде да играме. Но, момците кои ќе излезат утре ќе го дадат максимумот за да оствариме добар резултат за реваншот“, вели стратегот на Вардар, Гоце Седлоски.

„Имаме почит кон секој противник, но ние ќе играме наша игра, наша поставеност, наша тактика. Почит за Лозана, но најважно е како моите момци ќе се однесуваат утре. Сакаме да ја израдуваме нашата публика. Не сакам да кажам со кој резултат ќе бидеме задоволни“.

На мечот во Сан Марино, Закариќ поради повреда беше повлечен во игра на полувремето.

„Што се однесува до Закариќ, ќе одличиме по денешниот тренинг. Вечерва ќе бидеме дали ќе може да игра утре“, додаде Седлоски.