
Овој Вардар не се шегува - и Лозана падна на Градски! (ВИДЕО)
Одличен резултат за Вардар по првата пресметка со фаворизираната Лозана. Швајцарците во Скопје допатуваа како фаворити, но си заминаа со пораз. Македонскиот тим одигра одличен натпревар и заслужено се радува на победа.
Првото полувреме започна бавно, со борбена игра, но без конкретни можности за гол. Вардар ја имаше топката, се обидуваше да креира, но првите шанси дојдоа во финишот од првиот дел.
Во 42. минута Вардар имаше две можности преку Азер Омерагиќ. Напаѓачот на Вардар најпрво влезе во одлична позиција во шеснаесетникот, но се сплетка, топката му беше исфрлена во корнер. По корнерот повторно се најде во можност, од странична позиција биеше со глава крај стативата.
Се чинеше дека на одморот ќе се замине со празни мрежи, но во втората минута од судиското продолжение Мато погоди за ерупција на „Градски“. Тодоровски биеше силно од далечина, голманот Летица ја одби топката, таа дојде до Мато кој со силен удар под пречката му донесе водство на Вардар од 1-0.
Работите се променија во второто полувреме. Лозана веднаш тргна кон израмнување и на самиот почеток Сене излезе сам пред Талески, за среќа на Вардар шутна крај голот.
Висеше во воздух голот на Вардар, во 58. минута Диаките постигна прекрасен гол од далечина за израмнување на резултатот на 1-1.
Нападите на Лозана продолжија и по израмнувачкиот гол, само три минути подоцна Талески спречи комплетен пресврт. Сене пак излезе сам пред него, но вардаровиот голман одбрани.
Првата шанса во второто полувреме Вардар ја имаше во 65. минута, одличниот Мато храбро продре по левата страна, влезе во шеснаесетникот на Лозана, можеше да проигра, но се реши да шутира од косо, неговиот удар го одбрани Летица.
Во 76. минута Мато повторно имаше шанса, исто како и во претходната ситуација, можеше да подаде, но се одлучи да завршува само, Летица го одбрани и овој негов удар.
По мешаницата од корнерот, Азер Омерагиќ најдобро се снајде и даде гол за водство на Вардар од 2-1 и нов делириум на трибините меѓу навивачите на црвено-црните.
Вардар го задржа водството до крајот на мечот и се израдува на победа од 2-1, резултат со кој ќе го почне реваншот во Лозана кој е за седум дена.