
Мекиќ: Смената на генерација е природен процес, Македонија има светла иднина
Мекиќ посочи дека Швајцарија е незгодна репрезентација, а токму тоа ѝ дава дополнителна тежина на денешната победа на Македонија.
„Одличен натпревар за нас, со одлична енергија што во моменталнава ситуација е најважна за македонската репрезентација. Пријатно сум изненаден и апсолутно задоволен од тоа што изгледавме како тим, се боревме, трчавме, имавме огромна доза на енергија. Швајцарија воопшто не е репрезентација за потценување и тоа ѝ дава тежина на оваа победа. Целата оваа смена на генерација е природен процес, мора да дојдат нови сили, но покажавме дека имаме светла иднина, а овој натпревар за нас дојде во прилично добар тајминг затоа што некои од нас кои подоцна се вклучивме уште не сме во најдобра форма. Сепак, морам да истакнам дека енергијата во ниеден момент не беше доведена во прашање и тоа е најважно. Мислам дека не треба премногу да размислуваме за другите репрезентации бидејќи најважно е како ние ќе се подготвиме и како ќе излеземе на терен. Ако ги имаме клучните фактори за добар резултат, можеме да играме против секого. Во тој контекст размислувам и во врска со кошаркарите кои недостасуваат. Јас не би сакал да зборувам за поединци бидејќи ова е репрезентација на Македонија и се може без секого. Секако дека ќе ни недостасуваат нашите соиграчи, да не ги набројувам сите што фалат, но искрено јас не размислувам во таа насока. Кошарката е тимски спорт, тука сме да играме заедно и денеска покажавме дека можеме да го направиме тоа“, рече 29-годишниот кошаркар.