„Победивме заслужено, но остануваме цврсто на земја - Лозана уште е фаворит!“

Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски е презадоволен од победата над Лозана во Скопје од 2-1, но е претпазлив во пресрет на реваншот, вели дека швајцарскиот тим останува фаворит во овој двомеч.

Вардар го доби првиот меч против Лозана и со предност од 2-1 ќе го почне реваншот во Швајцарија. Црвено-црните вечерва одиграа одличен меч.

„Нашата победа во овие 90 минути мислам дека е сосема заслужена, создававме шанси, игравме офанзивен фудбал. По првото полувреме имавме се во наши раце. Не сум задоволен од влегувањето во првото полувреме, но пред нас имавме силен противник кој располага со силен буџет и игра во швајцарско првенство. Овие 90 минути ги одигравме како што треба, честитки за моите фудбалери кои го дадоа максимумот. Уште утре ќе мислиме на реваншот. Лозана се уште е фаворит и покај нашата победа. Ќе им дадам два дена одмор на дечките, а потоа почнуваме со подготовка за мечот во Лозана“, вели Седлоски.

„Секој натпревар за нас е притисок, знаеме што бараат навивачите, што бара управата, свесни сме дека Вардар долги години нема гостинска победа. Но сега газиме цврсто на земја, тие се уште фаворити. Дома играат доста брз и напаѓачки фудбал. Овој резултат го оставаме зад нас. Таму ќе влеземе како да е 0-0“.

Лозана дома игра на вештачка трева и тоа може да биде проблем за Вардар во реваншот.

„Знаеме дека имаат вештачка трева, но мора да се подготвиме и да одигравме уште еднаш вакви 90 минути. Сакам да се заблагодарам и на публиката која беше со нас во текот на целиот овој натпревар и ни даде голема поддршка“.

На денешниот натпревар не настапи капитенот Закариќ, тој е неизвесен и за реваншот.

„Во вакви натпревари шансите кои ни се укажуваат мора да ги користиме. Ги анализиравме добро пред мечот, создадовме многу шанси. Но, имаа и тие можности, мораме да признаеме. Ќе видиме каква ќе биде ситуацијата со Закариќ, дали ќе може да настапи на реваншот. Во наредните 2-3 дена ќе знаеме дали ќе биде во состојба да игра“.