Сè е подготвено за спектакл: Реал и Борусија се борат за пехарот во ЛШ!

Вечерва од 21 часот ќе почне спектаклот на „Вембли“, каде што Реал Мадрид и Борусија Дортмунд ќе се соочат во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) и ќе се борат за трофејот во најелитното европско натпреварување.

„Кралевите“ се фаворит за титулата со оглед на нивната доминација во ЛШ, но Борусија Дортмунд оваа сезона направи неколку изненадувања, а вечерва ќе има задача да докаже против шпанскиот шампион дека има квалитет да го крене пехарот.

Ова за „милионерите“ ќе биде трето финале во ЛШ во клупската историја, а во претходното загубија токму на „Вембли“ од Баерн Минхен и сега ќе се потрудат да не се повтори епилогот од таа средба.

Реал Мадрид до финалето стигна откако во групната фаза имаше 18 бодови, па потоа ги елиминира Лајпциг, Баерн Минхен и Манчестер сити, додека Дортмунд заврши со 11 бода во групната фаза, а потоа ги совлада ПСВ, Атлетико Мадрид и ПСЖ.

Хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ смета дека мора да бидат внимателни во дуелот против бундеслигашот, иако сите ги сметаат за фаворити.

„Сите нè сметаат за фаворити, но ние не мислиме така. Шансите се 50-50 затоа што Дортмунд има квалитетен состав“, кажа Модриќ.

Тренерот Карло Анчелоти посочи дека имале доволно време за да се подготват за дербито и најави освојување на нова титула.

„Соблекувалната ја има потребната самодоверба за да го освои пехарот. Ова е најважниот меч за нас против ривал кој го почитуваме. Кажавме дека Борусија заслужува да биде во финалето, но верувам дека ќе оди сè како што испланиравме“, кажа Анчелоти.

Страгетот на Дортмунд, Един Терзиќ не е заинтересиран за статистиката и кажа дека сè е можно во финалето.

„Ако играш 10 пати со Реал, ќе биде тешко, 34 пати ќе биде невозможно, но ако одиграш еден дуел - сè е можно“, кажа Терзиќ.

Натпреварот меѓу шпанскиот и германскиот гигант се игра вечерва од 21 часот на „Вембли“.