
Илиевски: Разочаран сум од македонскиот синдром на самоуништување!
Македонија значително подмладена ги почна претквалификациите за Светското првенство, борбата не изостана, но видливо беше неискуството поради кое паднавме кога мечот се решаваше.
„Искрено жалам за поразот бидејќи мечот беше решен во последните две минути. Игравме егал, двете селекции се менуваа во водство и решија две загубени топки и промашени чисти позиции. Пред мечот најавив дека најголем проблем ќе ни биде скокот, имаме 25 примени поени од втора шанса и тоа е еден од клучните фактори за поразот“, рече селекторот Илиевски на прес-конференцијата по мечот.
„До израз доаѓа неискуството и тоа во нападот. Секој сака да победи, но пред оваа селекција има иднина и јас се надевам дека наскоро ќе дојде резултатот. Очигледно е дека имаме проблем на плејмејкерската позиција, како и кошаркар на 4 каде играат Вајли и Хот, но задоволен сум од залагањето на сите. Можеби ќе беше подобро ако играчите имаа поголема минутажа во своите клубови, но на тоа ќе треба да работиме во иднина“.
„Задоволен сум од тоа што екипата има победнички карактер, никогаш не сме разговарале дека ние хендикепирани затоа што сме помлади“.
Селекторот потоа се осврна на непријатен момент, за тоа што Романците ја имаа детално простудирано играта на нашата селекција, која имаше само два меча пред тоа и обата од затворен карактер. Ова значи дека снимката од средбите е дадена од некој од нашиот табор, што е трагедија за сите кошаркарски работници.
„За жал, тоа што морам да го кажам можеби е патетично, но тоа е нашата реалност. Разочаран сум од македонскиот синдром на самоуништување. Мечевите со Швајцарија во Гевгелија беа од затворен карактер, настојувавме да ги сочуваме видео-анализите, но Романците стигнаа подготвени за сите наши напади, што е разочарувачки за мене како македонски селектор“, дополни Илиевски.