Рајо ќе плати 60.000 евра поради гостувањето на „нео-нацистичката група“ Балисти?!

Екипата на Рајо Ваљекано се соочува со казна од 60.000 евра од шпанската државна комисија за спречување насилство на спортските терени и тоа поради натпреварot против Шкендија (2-0) одигран на почетокот од месецов на стартот од групната фаза во Конференциската лига.

Причина за тоа е гостувањето на тетовската навивачка група Балисти, за која шпанските медиуми наведуваат дека важи за „нео-нацистичка“ (види ТУКА) и фактот што домашниот тим дозволил продажба на билети во ситуација кога натпреварот поради нашите навивачи бил прогласен од висок ризик. Законите во Шпанија забрануваат продажба на влезници на билетара најмалку 24 часа пред почетокот, нешто што највоинствените фанови на Рајо не го почитуваат со години наназад.

Шпанците откриваат дека биле ангажирани 320 полицајци за спроведување на „Балисти“ на трибините на стадионот, со цел тие да не дојдат до контакт со домашните фанови по што би можело да дојде до инцидент. На средбата имало 8.842 гледачи со платени билети, што е далеку од максималниот капацитет на стадионот.