Чави требал да биде наследник на Дејан Станковиќ, ама одбил

Легендарниот шпански фудбалер Чави Ернандез е без работа од минатата година кога си замина од Барселона и по се изгледа уште извесен период нема да се врати на тренерската клупа.

Последните месеци тој беше поврзуван со Манчестер Јунајтед, Ајакс и Ал Итихад, но не  дојде до договор со ниеден од овие клубови. Сега има нов бран шпекулации, заинтересиран за Чави е рускиот прволигаш Спартак Москва кој почнува нов проект со сериозни инвестиции и нов спортски директор кој го посочил Чави како свој фаворит за предводник на тимот. Сепак, Чави ја одбил и оваа понуда што и не е изненадување ако се знае дека руските клубови не настапуваат на меѓународна сцена, а парите не му играат улога на 45-годишниот стручњак.

Тренер на Спартак е поранешниот српски репрезентативец Дејан Станковиќ кој неколку месеци е цел на критики на руските медиуми кои речиси секојдневно известуваат дека тој ќе си замине, но до раскин на договорот се уште не дошло.