Генералниот менаџер на Оклахома откри: Топиќ има рак на тестисите

Генералниот менаџер на Оклахома Сити Тандер, Сем Прести денеска соопшти дека на српскиот интернационалец Никола Топиќ му е дијагностициран канцер на тестисите. 

Тоа е нов голем проблем во животот и кариерата на младиот српски кошаркар кој иако лани беше избран на НБА драфтот, се уште не дебитирал во најсилната светска кошаркарска лига.

„Би сакал со вас да поделам вест за Никола Топиќ. Како што знаете, имаше хируршка интервенција на почетокот од подготовките за новата сезона, таа процедура беше неопходна и направена во Хјустон, за да се одреди дали има канцер на тестисите. Единствено што очекуваме од него во моментов е да се фокусира на тоа бидејќи е врвен приоритет. Ќе се врати да игра кошарка кога ќе може, немаме никакви очекувања на тоа поле. Ја има нашата целосна поддршка, љубов и потстрек“, изјави Прести.

Никола Топиќ е еден од најперспективните српски кошаркари, има 20 години и му се прогнозираше блескава кариера. Сепак, во пролетта 2024 година, додека уште беше член на Црвена Звезда доживеа тешка повреда поради која мораше да паузира цела година и ја пропушти цела сезона во НБА, а очигледно уште долго ќе биде надвор од терените.