Пет од деветте европски трофеи, Челси ги освои со италијански тренери

Иако последните години помина низ период на трансформација и сопственичка транзиција, Челси остана мошне активен на европска сцена и оваа деценија освои четири трофеи во куповите на УЕФА.

Лондонскиот тим од синоќа е единствен кој има пехари од сите европски клупски натпреварувања, вкупно се девет во историјата, почнувајќи од 1998 кога го освои првиот. Интересен факт е дека повеќе од половина - пет се освоени со италијански тренери на клупата, вклучувајќи го вчерашниот со Енцо Мареска.

Серијата почна во 1998 година со Џанлука Вијали кој тогаш беше играќ-тренер. Под негово водство Челси триумфираше во претпоследното издание на Купот на победниците на куповите, а истата година и во Суперкупот на УЕФА. Вториот кој го запиша своето име меѓу бесмртните беше Роберто ди Матео со кого во 2012 година Челси првпат ја освои Лигата на шампионите. Седум години подоцна под водство на Маурицио Сари славеше во Лигата Европа, а синоќа со Мареска во Конференциската лига.

Од останатите четири европски трофеи, само еден е освоен со англиски тренер и тоа во Купот на победниците на куповите со Дејв Секстон во 1971 година. Шпанецот Рафа Бенитез ја освои Лигата Европа во 2013 година, со Томас Тухел стигна до втората титула во Лигата на шампионите и втората во Суперкупот на УЕФА, двете во 2021 година.