Перез: Мбапе е заборавен и не постои – ова е фешта на Реал Мадрид!

Првиот човек на новиот европски првак Реал Мадрид, Флорентино Перез после 14-та европска титула со што го достигна легендарниот претседател Сантјаго Бернабеу, порача после синоќешната победа дека Килијан Мбапе веќе е историја и небиден во големото славје на „кралевите“.

Мбапе го изигра Реал иако вети дека ќе дојде како слободен играч на „Сантјаго Бернабеу“, но потоа се премисли и многуте пари од ПСЖ го разубедија да остане до 2025 година, па допрва после европската круна ќе почне сеирот кон младата фудбалска суперѕвезда, а Перез имаше порака која многумина ја читаат и меѓу редови како порака за Французинот, дека само најдобрите доаѓаат во „кралскиот клуб“.

„Мбапе? Него веќе го заборавивме. Вечерва Мбапе не постои, ова е фешта на Реал Мадрид. Ништо не се случи, имавме само перфектна сезона и Реал ќе си продолжи да ги купува најдобрите фудбалери на светот“, рече Перез.

Мадридскиот великан сезонава стана шампион во Ла Лига и ја освои 35-та титула, а сега дојде до 14-та европска круна и има двојно повеќе од најблискиот ривал на вечната листа Милан.

„Јас сум пресреќен,цела сезона работевме за да стигнеме до ова. Оваа сезона генерално ни беше добра, станавме прваци, ја освоивме ЛШ, поминавме низ едно неверојатно искуство со неверојатни мечеви на патото до титулата. Куртоа имаше извонредна сезона и е најдобар светски голман, а Анчелоти? Тој е нашиот кондуктер. Тоа што има четири трофеи во ЛШ, сѐ кажува, ги знае фудбалерите, го знае Реал во душа“, додаде Перез.

Анчелоти во 2014 година се запиша во историјата откако ја донесе „десима“, јубилејната десетта европска титула и прва по 12 години (од 2002), а потоа Зинедин Зидан направи хет-трик во низа, пред Анчелоти по пет години пауза повторно да ги врати „големите уши“ во Мадрид.