„Нема да одиме на минимум, сакаме да ја победиме Грција во Атина“

Македонската одбојкарска репрезентација од денеска е во Атина каде што утре ќе го одиграме натпреварот против Грција.

Овој натпревар може да бие клучен во задржувањето на континуитетот на Македонија на континенталите собири.

За Македонија од овој натпревар потребен е барем сет за да останеме во игра, но средниот блокер, Филип Савовски верува дека можеме и да победиме.

„Натпреварот со Грција е еден од најважните натпревари за нас летово. Одлично ја темпиравме формата, одигравме квалитетни пријателски дуели кои ни покажаа што е добро во нашата игра, а што треба да поправиме и работевме на тоа деновиве. Анализираме, поставуваме тактика и мислам дека во одлична форма влегуваме во утрешниот натпревар. Резултатите од останатите групи се во наша полза, и сега е се во наши раце.

Потребен ни е минимум сет против Грција и мислам дека нема да го бараме минимумот, туку ќе одиме на максимум и зошто да не приредиме изненадување во Атина!? Големо е значењето на овој натпревар – пласман на ЕП и сите сме свесни за тоа. Мотивација и инспирација не ни недостасуваат, желбата е голема и може да очекуваме добра игра, па зошто да не и победа. Сите сме здрави, расположени, има убава атмосфера во тимот и верувам дека тоа ќе се преслика и во играта и на натпреварот“, изјави Савовски.

Грците ќе ја пречекаат Македонија во „Мелина Меркури Рентис“ арената во Атина во термнот о 19:00 часот.