Милан „сам себе се уби“ - загуби дома во клучниот меч за пласман во ЛШ (ВИДЕО)

Екипата на Милан нема да игра во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона иако имаше отворен пат во пресрет на последното коло во Серија А, откако неочекувано загуби на домашен терен од Каљари (1-2), кој во мечот влезе без никаков резултатски императив.

„Росонерите“ беа во пол-позиција и им требаа три бода за да бидат сигурни меѓу четирите екипи кои ќе ја претставуваат Италија во најсилното клупско натпреварување, но кикснаа кога најмалку беше потребно. А, работите почнаа одлично за составот од Милано со оглед на водството кое го донесе Салемекерс уште во втората минута. Борели во 20. минута им донесе грижи на навивачите на домаќинот, а Родригез во 57. минута целосно го замолкна „Сан Сиро“. Миланезите до крајот напаѓаа, но не успеаја ниту да изедначат.

Овој кикс на Милан донесе огромно славје во малиот Комо, кој со убедливиот триумф кај кремонезе (4-1) им се придружи на Интер, Наполи и на Рома, која славеше на гостувањето кај Верона (2-0), меѓу тимовите што ќе играат во ЛШ.