Чудесниот Кими го освои Монтреал – четврта победа по ред за тинејџерот од Италија!
Младиот Италијанец во болидот на Мерцедес ја искористи драмата што ги погоди ривалите и дополнително ја зголеми предноста во генералниот пласман. Трката уште од самиот старт најави вистински хаос. Почетокот двапати беше одложуван поради проблемите на Арвид Линблад од Рејсинг булс, кој мораше да се врати во боксот. Антонели и Ландо Норис одлично стартуваа и веднаш го минаа Џорџ Расел, кој стартуваше од пол-позицијата, но возачот на Мекларен уште во третиот круг сфати дека погрешил со изборот на пневматици и мораше во бокс.
Во продолжението двата болида на Мерцедес водеа пред Луис Хамилтон, Макс Верстапен и Шарл Леклер, а клучниот момент се случи во 30. круг кога моторот на Расел откажа додека беше лидер. Британецот бесно реагираше по откажувањето, а Антонели ја презеде првата позиција со голема предност пред Верстапен и Хамилтон.
Драмата не заврши тука, бидејќи и Норис подоцна се повлече од трката, додека Верстапен и Хамилтон водеа жестока битка за второто место. Седумкратниот светски шампион конечно успеа да го мине Холанѓанецот во 62. круг и да стигне до својот најдобар пласман по доаѓањето во Ферари. На крајот, Антонели рутински стигна до нова победа, пред Хамилтон и Верстапен, додека Леклер заврши четврти, а Исак Хаџар петти.
Во генералниот пласман, Антонели сега има 131 бод, пред Расел со 88, додека Леклер е трет со 77 поени.
ФОТО: X / @CxmeronCc