Португалски второлигаш со историска сензација избори пласман во Лига Европа (ВИДЕО)

Второлигашот Торенсе направи огромна сензација во финалето на Купот на Португалија, откако го совлада големиот Спортинг (2-1) и обезбеди историски пласман во Лига Европа за следната сезона.

Аутсајдерот шокантно поведе уште во четвртата минута од натпреварот, а иако Спортинг успеа да израмни на стартот од второто полувреме, фаворитот не најде решение за дисциплинираната игра на Торенсе. Лисабонскиот тим имаше повеќе шанси и иницијатива во продолженијата, но наместо целосен пресврт следуваше нов удар. Во 113. минута Торенсе доби пенал, а сигурен реализатор беше Стопира, кој ги постави конечните 2-1 и донесе едно од најголемите изненадувања во поновата историја на португалскиот фудбал.

Со триумфот, Торенсе го оствари најголемиот успех во клупската историја и следната сезона ќе настапува во групната фаза од второто по ранг европско натпреварување.