Од 1984 година домаќин на Европско првенство не станал шампион!

Иако ова 16-то Европско првенство се играше низ цела Европа, завршницата на шампионатот е во Англија на култниот „Вембли“, првпат за „трите лава“ да бидат домаќини на најважните мечеви уште од Еуро 1996, но против себе имаат една лоша традиција која веќе подолго време трае.

Откако Франција во 1984 година дојде до својот прв голем трофеј, европската круна со генерацијата на Мишел Платини, оттогаш ниту еден домаќин не успеал да стигне до круната, а веќе изминуваат 37 години и сега Англија има шанса да ја прекине таа лоша традиција.

„Гордиот Албион“ првпат игра во финале на Европското првенство, а ова за нив е шанса за прв голем трофеј после 55 години, уште од СП 1966 година на домашно тло.

Но, во новиот 21 век две селекции кои стигнале до финале како домаќини – загубиле. Прво Португалија во 2004 година, во сензационалното континентално првенство кое „аутсајдерот3 Грција ја круниса за европски првак (0-1), а потоа Франција во 2016 година, кога загуби од Португалија во Париз (0-1), а две години потоа „триколорите“ стана и сѐ уште се светски шампиони.

Ова е 16-то Европско првенство, а само трипати во историјата домаќинот дошол и до европскиот трофеј. Во 1964 година Шпанија преку СССР со триумфот со 2-1, во 1968 година Италија со преиграниот меч против Југославија со 2-0 и Франција во 1984 година со победата против Шпанија со 2-0.

Пред Англија сега е голема шанса, да прекине една традиција, а на Италија е да ја продолжи „црната серија“ на домаќинте на еврошампионатите. Суперинтересното финале на „Вембли“ е вечерва од 21 часот.