Одбојкарите загубија четири сета во низа во втората контрола против Бугарија!

Македонската одбојкарска репрезентација загуби во денешната втора контрола против Бугарија (19-25, 23-25, 21-25) во меч кој повторно се одигра салата „Левски“ во Софија, каде што вчера бевме подобро од источниот сосед.

По договор меѓу селекторите, беше одигран и дополнителен четврти сет, во кој македонските одбојкари повторно беа поразени – овој пат на разлика (25-27). За разлика од охрабрувачката партија на првиот натпревар (3-0), денешниот настап покажа дека сè уште има слабости во играта и тактиката на националниот тим, особено во пресрет на претстојните квалификациски натпревари против Грција и Грузија.

Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите одбојкари кои му беа на располагање, а капитенот Никола Ѓоргиев беше најефикасен со 14 поени. Стојан Илиев и Лука Костиќ запишаа по 10 поени, додека Александар Љафтов и Филип Савовски придонесоа со по шест.

Македонската експедиција веднаш по натпреварот тргна кон Скопје, каде што ќе продолжи со подготовките за евро-квалификациите.