Вечерва паѓаат одлуки во три групи на СП: Босанците пред историски исчекор!
Избраниците на Сергеј Барбарез вечерва на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл ќе се соочат со Катар (21 часот) во натпревар што може директно да ја одреди нивната судбина на мундијалот. Математиката е едноставна – победа би ги доближила Босанците на чекор до пласман меѓу 16-те најдобри селекции во светот, додека секој друг резултат значително би ја искомплицирал ситуацијата.
Во истото време во Ванкувер ќе играат Швајцарија и Канада во директна битка за првото место во групата. Канаѓаните имаат мала предност бидејќи поради подобрата гол-разлика и реми им е доволно за да останат на врвот. По разврската во групата Б, вниманието ќе се префрли кон групата Ц. Од полноќ Бразил ќе игра против Шкотска во Мајами, додека во Атланта силите ќе ги одмерат Мароко и Хаити. Бразилците и Мароконците во моментов имаат ист број бодови, а бидејќи нивниот меѓусебен дуел заврши без победник, можно е за првото место да решава гол-разликата. Во тој сегмент засега предност имаат Бразилците.
Последните одлуки ќе пристигнат од групата А, каде натпреварите ќе започнат во 03:00 часот по средноевропско време. Мексико на домашен терен во Мексико Сити ќе ја пречека Чешка. Мексиканците веќе го обезбедија првото место во групата, па се очекуваат неколку промени во составот, додека Чесите ќе мора да одат на победа ако сакаат да останат во игра. Во Монтереј, пак, ќе се сретнат Јужна Африка и Јужна Кореја. Корејците ќе бидат задоволни и со бод, додека за Јужноафриканците единствена опција е триумф.