Стоилов го доби првото засилување за новата сезона – освојувач на ЕХФ купот!

Градимир Чаневски повторно ќе го брани голот на Бутел, откако скопскиот суперлигаш го потврди неговото враќање во пресрет на новата сезона.

Искусниот голман по четиригодишна пауза повторно се враќа во Бутел, каде претходно веќе настапуваше една сезона. Од клубот истакнаа дека остануваат верни на концептот со домашни ракометари, а Чаневски е првото засилување за тимот што од ова лето ќе го предводи Стојанче Стоилов.

„Бутел и во новата сезона ќе продолжи со македонскиот концепт и со ангажман на домашни ракометари, а Чаневски е првото засилување за составот на новиот наш тренер Стоилов“, соопштија од клубот.

Чаневски е производ на школата на Металург, а во кариерата настапуваше и за Вардар и Пелистер, како и за Макаби Ришон во Израел. Зад себе има и индивидуално признание, откако беше избран за најдобар голман во македонското првенство за сезоната 2023/24. Последните две сезони ги мина во дресот на Охрид, а сега се враќа во Бутел, кој покрај настапите во домашниот шампионат, следната сезона ќе ја претставува Македонија и во ЕХФ Европскиот куп.