Новата сезона почнува со стил – со македонското „Ел Класико“ на Градски!

Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе започне на 8 август, а денешната ждрепка во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе возбудливи дуели уште на самиот старт.

Актуелниот шампион Шкендија ќе го пречека големиот ривал Шкупи, додека Скопје ќе биде домаќин на македонското „Ел Класико“ помеѓу Вардар и Пелистер. На отворањето на сезоната ќе се одиграат уште четири натпревари - Тиквеш ќе го пречека Работнички, Башкими ќе дебитира против Арсими, Струга ќе се соочи со Македонија ЃП, а Силекс ќе игра против Брера.

Претстојната сезона ќе биде посебно возбудлива бидејќи е последна со формат од 12 екипи. Од следната натпреварувачка година, лигата ќе се намали на 10 учесници, што ќе донесе дополнителна конкурентност во борбата за опстанок. Во оваа сезона ќе настапат седум поранешни шампиони, додека Арсими ќе дебитира во највисокото ниво на македонскиот фудбал.