Бекали по елиминацијата од Шкендиjа: Никогаш повеќе нема да зборувам за фудбал!

Контроверзниот газда на ФЦСБ, Џиџи Бекали пред реваншот против македонскиот шампион Шкендија најавуваше убедлива победа и пласман на романскиот тим во третото квалификациско коло од Лигата на шампиони (ЛШ), меѓутоа на крајот се случи спротивното.

Шкендија го „попари“ ФЦСБ среде Букурешт и му одржа лекција по фудбал, а по натпреварот Бекали кажа дека нема повеќе да зборува за фудбал.

„Честитки до ривалот. Нема повеќе да зборувам за фудбалот. Нема да зборувам три, четири, пет месеци. Срам ми е од тоа што се случи. Не ме барајте повеќе. Не сакам да зборувам. Морам да ја затворам устата веднаш“, кажа Бекали.

Нареден противник на тетовските Црвено-црни ќе биде азербајџанскиот Карабах, кој го елиминираше ирскиот Шелбурн.