Јуниорите и со подобра игра загубија од Израел – сега им треба „два од два“ за опстанок во елитата!

Македонската јуниорска кошаркарска репрезентација се наоѓа пред испаѓање од елитната европска конкуренција, откако денеска го претрпеа и петтиот пораз по ред, овој пат во пресметката против Израел (73-85).

За разлика од претходните неуспеси, во кои бевме прегазени од ривали како Литванија, Србија, Грција и Шпанија, нашите момци денеска прикажаа далеку подобра игра, која за жал не резултира со посакуван успех. Кобна за тоа беше првата четвртина, во која противникот дојде до двоцифрена предност (26-16), која потоа успеа да ја задржи до крајот.

Жолто-црвените беа рамноправен ривал во преостанатиот дел од натпреварот, но немаа сили да ја надополнат оваа стартна негатива, иако во финишот во неколку наврати дојдоа и до минус четири. Дамјан Данев блескаше на овој меч со 23 поени и осум скока, а зад него беа Никола Јаничиќ со 16 поени, седум скока и пет асистенции и Григориј Ѓорѓевиќ со 15 поени и шест скока.

Денешниот пораз значи дека ако сакаме и следната сезона да играме во дивизијата А ќе мора да ги добиеме последните два меча на првенството во Белград (сабота и недела), со оглед што во понизок ранг испаѓаа трите најлошо пласирани селекции. Прв ривал кого мора да го победиме на патот кон опстанокот е поразениот од вечерашната пресметка помеѓу Австрија и Белгија.