
Луда одлука на ФСС: Србија ќе ја пречека Англија на стадионче со капацитет од 8.000 места
Фудбалскиот сојуз буквално бега од Белград и најчесто натпреварите на националниот тим ги организира во внатрешноста, па најверојатно така ќе биде против Англија, во квалификацискиот натпревар што е закажан за 9 сепември. Иако уште не е официјално, дуелот против актуелниот европски вицешампион ќе се игра во Лесковац, на стадионот Дубочица кој е отворен пред неколку години, но е со мал капацитет - нешто повеќе од 8.000 места.
Без разлика на ситуацијата во државата, нејасно е како, при стадионите во Белград кои примаат над 35 илјади посетители, Србија одлучи против една од најсилните светски репрезентации да игра на 250 километри од главниот град, на мал објект. Дури и против Шпанија и Австрија се играше на „Маракана“, против Австрија и во ситуација кога беа почнати протестите против режимот.
Србија и против Андора во јуни ќе игра во Лесковац, но тоа и не е толкава сензација бидејќи селекцијата на малата пиринејска држава секако не може да ги наполни стадионите во Белград.