Aгонијата на Лестер нема крај - отворена и истрага!

Премиер лигата на Англија го пријави Лестер пред независна комисија поради наводно прекршување на финансиските правила на Фудбалската лига во сезоната 2023/24, кога клубот настапуваше во Чемпионшип, пренесе денеска „Би-Би-Си“.

Арбитражното тело потврдило дека Премиер лигата нема надлежност да го казни Лестер за прекршоците во сезоната 2022/23, бидејќи клубот на крајот од таа сезона испадна од највисокиот ранг на натпреварување.

Сепак, истото тело пресудило дека Премиер лигата има овластување да ги истражува можните прекршувања на правилата за време на натпреварувачката 2023/24 година.

Независната комисија ќе ги испитува и уште две наводни повреди на правилата од страна на Лестер: ненавремено доставување на финансиските извештаи до Премиер лигата до 31 декември 2024 година, како и недоволна и неадекватна соработка со лигата за време на спроведувањето на истрагата.

„Клубот има намера целосно и кооперативно да соработува во овој процес, сега кога е потврдена надлежноста на Премиер лигата за финансискиот период што завршува со 2024 година“, соопшти Лестер, кој оваа сезона повторно испадна во Чемпионшип, по вторпат во последните три години.

Кога е Лестер во прашање по крајот на оваа сезона клубот останува и без својата најголема легенда, Џејми Варди кој објави дека си заминува.

Фото: Leicester City/X