Седлоски и Закариќ: Вардар 18 години чека куп-трофеј – време е да го освоиме!

По период од дури 18 години без освојување на националниот Куп, екипата на Вардар е на само чекор до толку посакуваниот трофеј, со оглед што утре ќе го одигра финалниот меч против Струга.

„Црвено-црните“ со верба во сопствениот квалитет се подготвуваат за најважниот натпревар во последната деценија, со желба за прекин на долгиот пост.

„Поминаа 18 години од последниот освоен куп-трофеј на Вардар. Мислам дека е дојдено време да го освоиме Купот, иако знаеме дека воопшто нема да биде лесно, бидејќи против себе ќе имаме квалитетен ривал. Сепак, верувам дека со поддршка од нашите навивачи, на крајот ќе се радуваме“, изјави напаѓачот Марио Закариќ.

Тренерот Гоце Седлоски потенцира дека Вардар влегува подготвен во финалето и е свесен за предизвикот кој го носи натпреварот против актуелниот првак.

„Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Но, гледаме само во себе. Толку време Вардар го чека ова финале. Ќе дадеме сè од себе, на добар терен и со помош од публиката, да ја оствариме целта на оваа полусезона“, рече Седлоски.

Тој нагласи дека добрата форма на Вардар во последните шест месеци е резултат на сериозна работа, со што клубот од дното на табелата успеа да се искачи до петтата позиција во првенството.

„Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Секој натпревар досега беше како финале, а ова сега е вистинското финале. Има притисок, но ако одиграме како досега, мислам дека трофејот може да дојде во нашите витрини“, додаде тој.

Седлоски не го потцени противникот, но подвлече дека Вардар ќе остане верен на својот стил.

„Струга е квалитетен ривал, заслужува респект. Но, ние мора да ја завршиме оваа средба во свој стил. Очекувам фер и добар натпревар, со полни трибини во Скопје. Време е Вардар повторно да се радува“, заврши стратегот на црвено-црните.

Финалниот меч се игра в среда на арената „Тодор Проески“ со почеток од 20 часот.