Анчелоти го враќа легендарниот Кака во репрезентацијата на Бразил!

Легендарниот бразилски фудбалер, Рикардо Кака, изјави дека е подготвен да се приклучи на новиот стручeн штаб на фудбалската репрезентација на Бразил, кој од летово ќе го предводи Карло Анчелоти – првиот странски селектор во историјата на „кариоките“.

Тој потврди дека е подготвен да помогне, ако новиот предводник смета дека може да придонесе. Неговото враќање би означило отворање на нова животна епизода, имајќи предвид дека по завршувањето на играчката кариера во 2017 година, целосно се повлече од фудбалот и досега не се занимаваше со тренерска работа.

„Подготвен сум! Ако Карло смета дека можам да помогнам, мислам дека сега е вистинскиот момент да му се вратам на фудбалот“, изјави Кака.

Легендарниот фудбалер изминативе години сериозно се посветил на лично усовршување – завршил курс за спортски бизнис на Харвард, како и тренерски курс организиран од Фудбалската федерација на Бразил. Анчелоти, кој треба официјално да ја преземе селекцијата на 26 мај, токму со Кака би можел да ја започне новата ера на бразилскиот фудбал. Италијанецот и Бразилецот имаат богата заедничка историја од времето во Милан, каде Анчелоти беше тренерот кој го донесе Кака до врвот, крунисувајќи го со Златна топка.

ФОТО: EPA PHOTO