Ла Масија во полн сјај: Барса ја освои ЛШ, а не играа Јамал, Кубарси, Бернал, Форт...

Трет пат од формирањето, Барселона ја освои титулата во младинската Лига на шампиони откако во вчерашното финале го победи Трабзон со 4-1.

Од претходните два успеха во ова натпреварување излегоа неколку играчи, но ниеден од нив не остави трага во првиот тим на Барселона. Пред формирањето на младинската Лига на шампиони, Барса имаше уште неколку блескави генерации, како онаа со фудбалерите родени 1987 година во која партиципираа Меси, Пике, Фабрегас, подоцна и Педро кои во годините кои претстоеја го однесоа каталонскиот клуб до небеските височини.

Финансиските проблеми со кои се соочи последните години ја натераа Барселона повторно да „брцне“ во својата Ла Масија и веќе извади неколку фудбалери кои иако тинејџери, можат да се пофалат со големи успеси на сениорско ниво. Титулата во младинската Лига на шампиони е освоена апсолутно убедливо со фудбалери родени 2006 и 2007 година. Да биде сензацијата поголема, тимот кој вчера се појави во финалето не е ни половина од вистинскиот потенцијал кој го поседува Барселона.

Право на настап во таа екипа имаа и мега-ѕвезди како Ламин Јамал, Пау Кубарси, Марк Бернал, Ектор Форт, Гиље Фернандез, Тони Фернандез, Ноа Дарвич итн. Заедничко за сите нив е што одамна се првотимци за Барселона, а Јамал и Кубарси веќе имаат над 100 натпревари во сениорска конкуренција. Може само да се замисли како би изгледала оваа младинска екипа на Барса ако овие седуммина беа во младинскиот тим...